УПОРНИ И „НЕИЗЛЕЧИВИ“ ИНФЕКЦИИ

0Бактериите можат да бидат домаќини или натрапници во вашиот организам. Оние кои се домаќини и кои се постојано населени во организмот на човекот се таканаречени корисни бактерии. Најмногу ги има во дигестивниот тракт, односно во дебелото црево, но се разбира дека тие се населени и во другите делови на цревниот тракт. Ги има и во усната шуплина, на кожата, слузниците, вагината… Тие бактерии играат голема улога во правилно одвивање на многу физиолошки процеси во организмот. Пореметувањето на нивниот број и сооднос води до одредени здравствени проблеми. Таквите состојби на нарушена бактериска флора се одлична подлога за населување на поинакви бактерии и други микроорганизми кои се „гости“ и тоа не многу добронамерни и љубезни. Тие микроорганизми се многу незгодни, затоа што нивниот метаболизам дополнително ја менува средината на организмот, создава кисели супстанции кои го менуваат биохемискиот состав на ткивата и на тој начин се создава совршена подлога за развиток на многу други дополнителни бактерии и микроорганизми кои можат целосно да го исцрпат имунитетниот систем во борбата против нив.

Користењето на антибиотиците во борбата со таквите штетни микроорганизми кои клинички ги викаме инфективни состојби, помага во стопирање и намалување на бројот на овие предизвикувачи. Но доколку причината за појава на ваквите инфекции сеуште не е совладана, организмот ќе создаде микроорганизми кои се отпорни на дотичниот антибиотик, и целата работа може да се врти во круг до недоглед: антибиотик – нов микроорганизам… нов антибиотик – нов микроорганизам… и повторно, и повторно и повторно… И тогаш пациентот е информиран дека кај него се работи за таканаречена упорна инфекција за која причината вообичаено се објаснува со неговиот ослабен имунитет… Таквиот пациент може со месеци да повторува микробиолошки испитувања и секогаш ќе му биде откриван нов предизвикувач. Дури и ако после третирањето со антибиотска терапија нема откриен никаков штетен микроорганизам, ако пациентот не преземе ништо друго за да ја промени пореметената биохемиска средина во својот организам, за брзо време ќе се судри со присуство на нов патоген микроорганизам.

Како се средуваат таквите „упорни инфекции“??

Со промена на средината во која тие микроорганизми – натрапници се „чувствуваат удобно“. Тоа значи дека ткивата треба да се доведат во нормална физиолошка и биохемиска рамнотежа, со што овие микроорганизми би ја изгубиле подлогата и удобноста за нивно размножување. Начинот на исхрана е првата и ударна метода во справување со инфекциите. Правилната исхрана биохемиски го менува подрачјето каде овие микроорганизми се размножуваат и делуваат, па на тој начин нивниот број почнува да се намалува и тие целосно исчезнуваат.

Доколку се храните правилно и здраво, многу е помал ризикот за развиток на инфекции кај вас дури и кога таквите инфекти доаѓаат однадвор, како што е случајот со периоди на епидемии. Всушност, во период на сезонски грипови или некои други епидемии, не сите луѓе заболуваат од болеста, затоа што инфектот и да навлезе во здрав организам не секогаш е моќен да предизвика развиток на болеста, поготово ако наиде на средина која нема услови за негово размножување. Во такви прилики имунитетниот систем брзо и лесно се справува со инфектот натрапник, го неутрализира и елиминира од организмот.

Д-р Јадранка Бибан

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *