СО КАМЕНО КОПЈЕ ВО СУПЕРМАРКЕТ ПО МЕСО

И ова лето како и многу други изминати лета се изнагледав и се изнаслушав совети за слабеење, совети за добар изглед. Толку многу совети за диети излегуваат по пишаните медиуми што мислам дека воопшто и не се води сметка за тоа што ќе се објави, туку само сенешто се пишува колку само да се пополни рубриката за здравје кои многу весници си ја ставиле во својата содржина. Мислам дека ако  новинарите немаат добар и проверен извор за информациите кои ги објавуваат не треба воопшто да објавуваат информации од тој тип затоа што така барем ќе ги поштедат читателите од преземање нерационални чекори во однос на нивното здравје.

Еден од најглупавите совети кој може да се прочита многу често во весниците е колку е ефикасна и добра протеинската или подобро Аткинсоновата диета. Јас во 8-КА повеќе пати зборував за опасноста од оваа диета која преферира јадење месо и салати. Тоа е диета која е високо протеинска, која не содржи јагленихидрати и таа диета функционира врз база на изгладнување на организмот и создавање на состојба на болест (се натрупуваат кетони во организмот, состојба која се нарекува кетоза), што резултира со брзо губење на телесната тежина. Значи губењето на телесната тежина при протеинската диета е резултат на изгладнување и разболување на организмот.

Всушност заговорниците на меснати диети долги години се обидуваат научно да докажат колку многу е потребно месото во исхраната кај луѓето. Така, создавачите на таканаречената Палео диета се обидуваат да докажат дека почетоците на човештвото се врзани со месната исхрана затоа што човекот во далечното минато бил ловец и се хранал претежно со уловени животни…

Оние кои сакаат на оваа теорија да и дадат научна димензија велат дека во периодот од пред 25 милиони години па се до пред 10 илјади години, луѓето се хранеле најмногу со улов на животни а од пред 10 илјади години кога започнал да се развива аграрот, луѓето почнале да се хранат со житарки, ориз, и други земјоделски производи. Затоа во генетиката на луѓето стоело дека месото е незаменлива храна за луѓето…? Доказите за таа теорија ги базираат врз археолошките пронајдоци на оружја за лов, копја и слично. Антропологистот Натаниал Домини од Dartomouth College тврди дека тоа е мит, кој се побива со научните докази кои се резултат од истражувањата на коските и забите на приматите од тој период. Според податоците човекот бил плодојадец, или уште поточно тој бил  скробоконсумент.

Ајде малку поодблиску да ја разгледаме Палео исхраната. Според неа луѓето треба да јадат месо од дивеч. Мислам дека во маркетите воопшто или сосема малку може да се најде месо од зајак, од срна, од мечка, од кенгур, од алигатор… Она што може да се најде е месо од товена фармерска свиња, товени фармерски говеда, товени кокошки, па дури и товени фармерски ноеви. Во Палео диетата се вклучени и морските плодови. Во маркетите и нив ги има но тоа се сигурно риби, школки и сл. кои се добро натовени по рибниците ширум светот, па така смрзнати и неколку пати одмрзнати се донесени во „свежа состојба“ кај нас и се продаваат во маркетите добро декорирани со парчиња мраз. За волја на вистината во рибарниците има и риби кои пливаат во тесните аквариуми и ако ги загледате тие риби ќе видите дека доста добро се снаоѓаат во таков тесен простор затоа што се навикнати на такви услови бидејќи во рибниците од кои доаѓаат тоа им е вообичаена навика, да живеат во тесен простор како во конзерва од живи риби. Жално, многу жално, затоа што рибникот не е природно место за живеење на рибите, а неприродното место за живеење е поврзано и со неприродно одгледување на истите. Тоа се риби кои исто така се товени со индустриска рибна храна, третирани се со антибиотици и сл.

Палео истражувачите и заговарачите на Палео исхраната тврдат дека Палео исхраната треба да содржи и коскена срцевина и мозоци нешто што им е многу одвратно за јадење дури и на најстрасните луѓе – месојади. Што е уште полошо, кога веќе се заговара јадење по тертип на предците од Палео периодот, не би требало да се занемари и фактот дека и канибализмот бил присутен во тоа време. Археолозите пронашле човечки коски од пред повеќе илјади години на кои се докажуваат места на насилно откинување на месото, места на кршење на коската за да се извади коскената срцевина и места на насилно кршење на лобањата со цел да се стигне до мозокот. И децата не биле поштедени од ваквите „навики во исхраната“. Иако постоела таквата исхрана кај нашите предци, дефинитивно тоа не може да било главен начин на исхрана. Зошто? Затоа што количините на месо кои се обезбедувале во Палео периодот не можело да ги задоволат барањата за исхрана на човечкиот организам. Тие биле мали количини, кои не се набавувале на големо, а освен тоа немало услови за складирање на таквата храна. Заговорниците на Палео исхраната знаат дека тоа е исхрана која се базира на храна која е богата со холестерол, храна која е високо протеинска и биохемиски кисела, односно храна која го оштетува коскеното ткиво. Остеопорозата е болест која води потекло од токму вакви биохемиски процеси кои го закиселуваат организмот. Потврда за тоа е оштетувањето на коскеното ткиво кај ескимската популација чија храна се базира на консумирање на невегатирајанска храна. За да се ублажи негативното влијание на Палео исхраната врз организмот, палео научниците советуваат додавање на свеж зеленчук и јаткасти плодови во исхраната. Но тоа никако не може да биде решение за негативното дејство на киселите животински протеини.

Високопротеинската исхрана води до пореметувања од типот на диареа, мачнина и повраќање, па дури и смрт како резултат на протеинска интоксикација на организмот. Консумирањето на претежно животинска храна води до намален внес на растителни влакна, како и инфицирање со бактерии од типот на Ешерихија Коли и Салмонела кои се носители на високотоксични материи. Црвеното месо, живината, рибата, јајцата се намирници кои предизвикуваат најголем дел од современите хронични болести, а токму тие намирници се застапени со 55% во таканаречената Палео исхрана.

Најефективните диети кои се користат ширум светот за да се излекуваат најголемиот број срцеви болести, дијабетес артритиси, хиперхолестеринемија, дебелина и слично, се базираат на неживотинска исхрана, односно на храна која содржи најмногу мешунки, житарка, зеленчук и овошје. Ако таквата храна помага, односно ги лекува болестите и го обновува организмот, тогаш зошто таквата храна не би била добра за животен стил на исхрана?

Всушност ако ги анализираме поединечно сите историски периоди од развитокот на човештвото, можеме да дојдеме до најразлични заклучоци. Јас не велам дека искуствата на нашите предци не треба да ги користиме. Напротив, тие се многу корисна работа особено за развитокот на науката. Но сепак, мораме јасно да ги разграничуваме и толкуваме сите информации за да можеме целосно и најкорисно да ги искористиме. Нерационално е да се смета дека месната исхрана како што се толкува исхраната од Палео периодот е добра за луѓето денес. Ако некој се обидува да го тврди тоа, тогаш тој не ја гледа разликата меѓу Палео цивилизацијата и денешната цивилизација. Количината на месото која го консумирале нашите Палео предци, како што погоре истакнав, никако не може да е иста со количината на месото кое се консумира денес. Денешните луѓе не одат во заседа со камени копја да ловат дивеч туку купуваат месо со десетици килограми од маркетите. Па дури кога ова месо кое се набавува во маркетите и кое е фармерско произведено би се консумирало во помали количини, да речеме во количини колку што консумирале Палео луѓето, не би имало ист ефект како кај Палео популациите. Ова месо не е истото месо од тогаш. Ова е фабричко, третирано месо.

Не знам по кој пат во 8-КА пишував за тоа дека ние не живееме сега во минатото. Па дури и педесетина години наназад е големо минато кога се работи за промени во животот на луѓето. Само до пред 50 – 60 години, земјата не беше толку многу загадена и исцрпена со нерационално третирање на земјоделските производи. Само до пред половина век наназад срцевите болести, карциномите, дијабетот, автоимуните болести и сл. беа со неколку пати помала честота на јавување. Климатските промени се чувствуваат во последната деценија како никогаш порано, а се менува и целата планета под влијание на сите техничко технолошки достигнувања кои се дел од современото општество. Затоа, ако некој сака да заговара Палео исхрана во денешно време, тогаш нека им подели на сите луѓе камени стрели и копја, нека ги насели луѓето во пештери, нека им даде камена плоча наместо шпорет, нека им ги скрие сите фрижидери, всушност нека ја исклучи електричната енергија, нека ги забрани сите превозни средства, нека ги затвори сеите фарми на животни, нека ги укине со закон сите пестициди и хемикалии, нека ги затвори сите фабрики за текстил и облека. Но она што е најтешко а што би требало да го направи за да успее да го воспостави Палео начинот на исхрана, е да ги натера луѓето да ги заборават вкусовите на чоколадата, на скарата, на тортите, на сладоледите, на алкохолот, на пресолените сирења, на зачинетата и добро насолена риба на скара, на обоените лепчиња од пекарите, на пицата, на хамбургетрите, на Кока колата, на Пепси колата, на Швепсот, на Ред Булот, на чипсовите, на смоките, на Мек Доналдс компирчињата, на чоколадираните бадеми и лешници, на шеќерните и мрсни пити, на премрсните топли и миризливи буреци… Е кога ќе успеат да го направат тоа, тогаш нека им кажуваат на луѓето дека Палео исхраната била добра, затоа што во Палео периодот ништо од ова што го набројав немало, не постоело, не било познато.

Затоа, најдобро е да не се манипулира со историјата која патем и никој не може да каже дека којзнае колку ја познава. Од каде ние навистина со сигурност знаеме како се живеело пред милиони години…? Научно истражуваме, нели е така? Да, но колку што можеме сите ние да забележиме, само во текот на еден човечки живот, научните истражувања и тврдења се менуваат неколку пати. Денес се оспорува Дарвиновата теорија, се оспорува и тврдата фармацијата која својот процут го доживеа во втората половина на минатиот век за што сме сведоци и самите ние, се оспорува и ограничува Рендген дијагностиката па дури и ехосонографијата…? Вирусологијата добива поинакви димензии, во некои научни кругови се оспорува и теоријата на Луј Пастер за микроорганизмите…

Дали сето тоа треба да се игнорира? Се разбира дека не треба, треба да се размислува околу тоа, да се истражува и да се надоградува. Затоа човекот себеси се нарекува интелегентно суштество, затоа што свесно размислува… Но дали сите го прават тоа…?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *