ПОМОГНЕТЕ МУ НА ВАШИОТ ДОКТОР

Современите хронични болести кои секојдневно стануваат препрека за да се живее квалитетен живот, особено кај населението од развиениот свет, претставуваат област односно поле на научни истражувања и бараат огромни напори од стручната фела во пронаоѓањето на начини и методи за нивно сузбивање. Но за волја на вистината, мораме да признаеме дека сите тие напори се обезвреднуваат пред налетот на се поголем број заболени од дебелина дијабет, автоимуни болести, болести на срце и крвни садови, алергии, болести на дојка, на гениталии, бубрежни пореметувања, болести на дигестивниот систем, карциноми и сл.  Дали се работи за неуспех на современата медицина или пак се работи за комплексен проблем кој се создава како резултат на современиот начин на живот и лошите правци на движење на превенцијата од болестите. Зборот „хронична болест“ значи израз со кој се посочува на долготрајност на болеста, или тоа во буквален превод би значело „никогаш нема да бидеш добар“.  Но за среќа, во практиката се забележани не мал број на пациенти кои и покрај таквата класификација на болеста, успеваат да оздрават и да ги совладаат дури и најтешките болести. Како им успева тоа? И… зошто не им успева на сите…? Дали се работи за недоволна стручност на докторите…? Или… можеби во прашање е нешто сосема друго…?

 

Стандардните процедури на лекување на хроничните болести, даваат различни резултати кај различни пациенти со иста дијагноза. Така на пример, лекувањата на карциномите со стандардни методи имаат различен ефект кај различни пациенти со ист тип на карциноми и ист степен на развиток на болеста. И таканаречените алтернативни методи не даваат исти резултати кај различни пациенти со иста дијагноза. Така на пример, денес низ социјалните мрежи, низ различните медиуми и непосредно меѓу луѓето можат да се забележат бројни сугестии и сведоштва за лекување со некој „алтернативен лек“ на карциноми, на тешки автоимуни болести, на дијабет, на стерилитет и сл. Многу луѓе, понесени од сведочењето за успехот на лекот прават огромни напори да го набават истиот или да отидат на местото каде „некој друг се излекувал…“. Некои луѓе „успеваат“ да го постигнат истиот успех, но оние кои не успеваат, разочарано почнуваат да го критикуваат „лекот“ по социјалните мрежи, да пишуваат контра аргументи за да посочат дека лекот е лажен…

Современите хронични болести се резултат на комплексен „пакет од причини“ и тоа значи дека за да заболи некој од некоја современа хронична болест како што е карцином, дијабет, автоимуна болест, болести на срце, црн дроб, болести на крвта, на коските и сл. потребно е да „обезбеди живот и животни навики“ кои ќе го подготват теренот, односно неговото тело за појава на болеста. Со самото тоа логично е дека истата таа болест, никако не ќе може да се излекува со еден единствен лек кој би се препишал од доктор или би се набавил како алтернативен лек од некаде. Болеста ќе се излекува само со промена на теренот, односно со промена на условите кои во организмот создале услови за појава на болеста. Тоа се прави со промена на навиките, најмногу со промена на навиките во исхраната, промена на навиките на однесување кон телото, но исто така и со промена на менталниот пристап кон животот. Сето ова значи дека причината за појава на современите хронични болести е многу комплексна, па токму затоа и лекувањето на тие болести е комплексно и се одвива со комплетна промена на „курсот на животот“.

Затоа, немојте да му се лутите на вашиот доктор кој прави крајни напори да ви ја „комплетира терапијата“ за да го намали вашиот крвен притисок, за да ја нормализира работата на срцето или да ги стабилизира мастите во крвта, ако вие упорно продолжувате да јадете нездрава и мрсна храна и постојано „го излежувате“ вашето тело без да пробате да направите и најмала физичка активност. Докторот исто така не може да биде виновникот затоа што не успева да го излекува вашиот хроничен бронхит ако вие постојано го труете вашето тело со цигари. Докторот нема да успее да ви помогне да не се разболувате толку често, да ја излекувате анемијата, алергиите и сл. ако вие постојано внесувате во себеси рафинирана храна, обработена и „збогатена“ со конзерванси, адитиви и слични супстанции. Со еден збор, хроничноста односно постојаноста на болеста значи хронично односно постојано повредување на организмот.

Животните навики започнуваат да се градат со самото раѓање и доаѓањето на овој свет. Тие се резултат на начинот на живот на целото семејство, на пошироката околина, животните навики се резултат на сите информации и доживувања со кои се судруваме во текот на секојдневието. Навиките најлесно се создаваат во најмладата возраст и стануваат дел од нас самите, всушност човекот самиот по себе „станува навика“. Но ако создавањето на навиките е лесно особено во детскиот период, промената на навиките станува многу тешко и понекогаш знае да биде вистински кошмар, особено кога е во прашање одвикнување од пороци кои прават силна зависност и претставуваат задоволство без кое „би се умрело“. Кога зборуваме за пороци, веднаш помислуваме на алкохол, цигари, дрога, но меѓу нив мислам дека најзначајно место зазема храната. Вкусовите на храната на кои сме навикнале се оние кои ја прават храната погодна или непогодна за нас. Принципот на задоволство од вкусот е водечки мотив за купување на некој прехрамбен производ. Производителите на храна тоа многу добро го знаат и го користат во понудата на своите производи. Кога човекот ќе се „навлече“ на вкусот и задоволството од него, продажбата на тој производ е веќе добро обезбедена. Всушност тоа е исто како и навлекувањето на цигари. Продажбата на цигари не е загрозена од никаков напис кој би се ставил на пакувањето со цигари и кој предупредува дека цигарите може да доведат до карцином. Кога на слатките кои во себе имаат транс масти, рафинирани шеќери, бело рафинирано брашно, конзерванси и сл. би им напишале на пакувањето дека не се здрави за јадење, тие секако и понатаму би се купувале заради неодоливиот вкус на слатко и миризливо колаче кое ги буди сетилата на задоволствата. Ете затоа, промената на лошите навики е многу тешка. Оние луѓе кои се веќе болни и страдаат од потешки болести се веќе притиснати од времето и терапијата која значи создавање на нови навики во исхраната и во животот многу тешко им паѓа. Повеќето од нив одбиваат да се сменат затоа што промената на навиките многу потешко ја прифаќаат отколку примањето на некаква терапија во инфузија, во инјекција, или дури пак и операцијата на некои луѓе им изгледа многу подобар избор отколку одвикнувањето од нездравата храна. Несреќата за таквите луѓе лежи во тоа што во современата медицина не постои лек кој ќе ја излекува современата болест, постојат само процедури и лекови кои „ги контролираат симптомите“ на болеста и тоа не значи излекување. Ете затоа луѓето прифаќаат не излечивост на современите хронични болести, а многумина за жал и упорно се борат против фактот дека промената би им донела напредок и обнова на здравјето.

Промената на навиките во исхраната, промената на навиките на седење, неактивност, промената на навиките на размислување, промената на погледот врз себеси и врз околината е комплексен процес. Во тој процес пациентот поминува низ сопствена целосна преобразба, се случува негово „повторно раѓање“. Некои луѓе успеваат комплетно да ги сменат своите навики, но не сите постигнуваат исти резултати. Успехот зависи од неговата посветеност но и од поддршката која ја добива од околината. Оној кој ги прави вистинските промени, го запознава вистинскиот квалитет на животот, неговиот свет добива сосема нова димензија, тоа е човек кој е полн со самодоверба и во потполност го контролира сопствениот живот.

Во една прилика на едно мое семинарско предавање, еден од присутните ме праша:  Дали просветлените луѓе не се разболуваат?

Му одговорив со прашањето: Како јас тоа можам да го знам? И како тоа може некој Вам да Ви го одговори? Единствениот кој може да Ви одговори на тоа прашање сте самиот Вие и никој друг… Јас само можам да Ви кажам дека оној кој вистински здраво се храни, оној кој го негува и чува своето тело, оној кој знае добро да расудува и да одржува комплетен баланс на својата животна енергија е човек кој живее квалитетно, кој придонесува за сопствената и за среќата на околината во која живее.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *