ПОГЛЕД ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ТОАЛЕТОТ

Можеби не постои човек кој немал искуство со стомачно страдање или ситуација на аларм и потреба од тоалет, кога се наоѓал на места каде тоа практично било невозможно, како возење во автобус, на улица и други јавни места… Таквите моменти се паметат цел живот и се прераскажуваат како непријатно искуство кое секого би го навел на чувство од безизлезна ситуација. Замислете, постојат луѓе кои ваквите непријатни искуства ги дожувуваат секојдневно и таквиот нивни живот најверојатно изгледа како неподнослив кошмар. Тие луѓе се практично онеспособени за работа, оневозможени се за подолги патувања, немаат никогаш адекватен одмор, а покрај сето тоа нивниот организам е повеќе или помалку исцрпен заради неправилната работа на нивниот дигестивен тракт, поврзано со лоша апсорпција и неконтролирана елиминација на многу макро и микроелементи кои се неопходни за нормален живот. Таквите луѓе, стануваат тотални зависници од јавните тоалети, всушност го познаваат секој агол или зграда во градот каде што ќе можат да навратат под притисок на ненадејни силни болки во стомакот и нагони за празнење на дебелото црево. Столицата е обично течна, а некогаш е пратена со примеси на слуз и крв. Оваа состојба се јавува како последица на воспаление на дебелото црево и се нарекува колитис.

Причините за колитис се различни и варираат од бактериски инфекции, вируси, па се до алергиски реакции на некоја храна…

Ако колитисот трае краткотрајно, пациентот многу брзо се опоравува, но за жал некогаш колитисот е долготраен и упорен, а пред се нема ниту намера да се повлече под влијание на лековите кои модерната медицина може да ги понуди.

Хроничните колитиси се „неизлечиви“ затоа што всушност никогаш пациентот не престанал да ја „предизвикува“ болеста. Значи болеста постои затоа што и предизвикувачот на болеста е присутен. Се разбира дека сега логично се наметнува прашањето кој е всушност предизвикувачот на болеста? Многу е загрижувачки тоа што многу доктори причината за појава на колитис не ја гледаат во храната. Тие всушност не го гледаат фактот дека нешто што со часови а некогаш и со денови стои во цревниот тракт може да предизвика оштетување на истиот. Размислувањето на докторите дека храната не може да го оштети дигестивниот тракт е еднакво на лудило според кое би се тврдело дека воздухот кој се дише не може да ги оштети белите дробови или пак некоја киселина или силна база не може да предизвика кожни оштетувања…

Најголемо влијание кое се извршува врз дебелото црево е она од страна на храната и тоа е од суштинско значење за правилен пристап во лекување на болеста.

Болеста може да се јави во блага, умерена или силна форма. Слабата форма на колитис се јавува како синдром на нервозно црево и во 24% се јавува кај жените а во 15% се јавува кај мажите и тоа претежно кај западните популации.

Основните симптоми се чувство на надуваност на стомакот, чувство на нецелосна евакуација, крчење на цревата. Ова може да се движи помеѓу две крајности, односно од запек, до пролив.

Овде сакам да напоменам дека и современата медицина често ваквите состојби ги поврзува со емотивен стрес, особено кај жените од средовечна возраст. Всушност многу пореметувања на дигестивниот тракт современата медицина ги поврзува со стресот, а тоа се различни форми на гастритис, воспаленија на цревниот тракт, чир на дванаесетпалечно црево и сл. Јас не велам дека тоа не е докажано, всушност и јас тврдам дека стресот и тоа како е поврзан со случувањата во дигестивниот тракт, но тоа би се рекло е состојба на „краток спој“ или куршлус, кој сепак е последица на еден подолг процес на случувања во организмот кои предходно го подготвуваат теренот за настанок на ваквиот испад на стрес. Преку храната всушност се подготвуа организмот за ваква или онаква реакција на стрес, особено кога се работи за дигестивниот систем. Храната е енергија која се внесува во организмот и која се трансформира во други поинакви форми на енергија од чие присуство зависи самата реакција на организмот. Животот е тежок и е поврзан со постојани емоционални предизвици, но она што ќе се стави во дигестивниот систем го диктира здравиот или нездравиот однос на човекот кон сите тие предизвици.

Затоа моја препорака е најпрво да се промени начинот на исхрана. Знам дека во врска со исхраната и воспалителните промени на цревата може да се најдат многу препораки од доктори, нутриционисти и лични искуства од пациенти. Сетоа тоа во глобала може да се опфати во неколку заклучоци.

Всушност храната која е богата со масти, млечен шеќер, односно лактоза, која има ниско ниво на растителни влакна или фибер е нездрава храна и треба да се избегнува. Многу типови на протеини од храната може да предизвикаат аларгиски реакции и се тврди дека во 68% од случаите воспаленијата на дебелото црево се предизвикани од нетолеранција на некои од тие протеини кои се најчесто присутни во млекото, житарките и јајцата. Состојбата на опстипација многу полесно се решава едноставно со додавање на многу повеќе растителни влакна во исхраната. Но со симптомите од типот на упорни проливи тоа оди потешко. Тоа е така затоа што постојат хранливи продукти со различни типови на растителни флакна па секогаш е подобро растителните влакна да се внесуваат во природно пакување, значи преку консумирање на целото растение или плод а не да се додаваат како изолирани во оброците, односно како суплементи, трици и сл.

Користењето на пробиотици е многу често препорачуван третман на болни од цревни заболувања. Тоа се всушност таканаречени пријателски цревни бактерии кои го олеснуваат варењето на храната. Но сепак и овде морам да напоменам дека како на пробиотик треба да се гледа на самата храна а не на некакви суплементи, додатоци и сл. Пријателските бактерии треба да се создадат во цревниот тракт како резултат на соодветна средина во цревата предизвикана од внес на соодветна храна, а не да се изедат или да се испијат преку таблета. Значи бактериите растат во цревата а најмногу растат кога во цревата ја има нивната омилена храна и тоа шеќери од типот на олигосахариди, зеленчук и овошје. Кај многу пациенти потребно е да се исфрлат и некои од житарките, бидејќи е потврдена нетолерантност во нивното варење во дигестивниот тракт.

Кога се работи за состојби на тешки форми на колитис како што се улцеративниот колитис и Кроновата болест, кои се практично идентични по симптоматологија, сметам дека фармацевтските препарати кои се нудат за нивно лекување не само што се скапи и исцрпувачки за организмот и буџетот на пациентот туку се и неефикасни и со многу несакани ефекти. Овде се работи за автоимуна болест, значи болест која се јавува како резултат на неадекватна работа на имунитетниот систем на пациентот. Како што е случајот со сите други автоимуни болести и овде современата медицина третира со лекови кои го оневозможуваат дејството на имунитетниот систем, со што всушност никако не може да се каже дека се третира или се лекува самата болест, туку дека само се прикриваат нејзините симптоми.

Автоимуната болест е резултат меѓу другото, на премногу животински протеини во исхраната, со што имунитетниот систем „збунето“реагира и испровоциран од сродните антигени од животиските протеини, всушност ги напаѓа сопствените ткива. Значи прва работа која треба да се направи е да се елиминираат животинските протеини. Животинските млека се водечки во предизвикување на вакви имунолошки реакции во организмот, но секако дека тука не се занемарливи и провокациите од протеините од месото, јајцата па и рибата. Се разбира дека и растителни протеини можат да дадат вакви реакции, па затоа потребна е поромена во исхраната и кај тие пациенти. Сулфурните соединенија, меѓу кои водородниот сулфид може да биде многу токсичен за клетките на дебелото црево. Оваа супстанција се создава во дебелото црево од аминокиселини кои содржат сулфур, под влијание на бактери. Животинските протеини содржат сулфурни аминокиселини во многу поголеми количества одколку растителните протеини. Така, говедското месо има за 4 пати повеќе сулфурни аминокиселини одколку гравот, јајцата имаат 4 пати повеќе сулфур отколку пченката, сирењата во просек имаат 5 пати повеќе сулфур отколку компирите, пилешкото 7 пати повеќе отколку оризот, туната 12 пати повеќе од слатките компири и т.н.

Покрај тоа што исхраната ја наведувам како најважен дел во кој треба да се делува при лекувањето на колитисите, морам да напоменам дека лекувањето на пациентите со цревни болести не може да се одвива според одреден фиксен протокол или шема. Јас препорачувам лекување по пат на „елиминација“ на видови храна, кое за одреден временски период води до сигурни резултати и показатели за преосетливот кон одредени супстанции или компоненти во исхраната. Затоа, искуствата на другите пациенти можат да бидат од голема корист за лекување на вашата болест, но тоа не значи дека тоа е сигурниот рецепт и ваше дефинитивно оздравување. Секој пациент е индивидуа со поинаков животен стил, поинакви навики, поинакво минато, поинакви сфаќања, па затоа и лекувањето на болеста бара повеќе или помалку индивидуален пристап. Лекувањето е процес, а процесот треба да се одвива под висока свест или будност, истражување и спознавање. Тоа значи сопствена активност и свесен пристап кон проблемот, со помош на стручно насочување и помагање од страна на вашиот доктор. Затоа можеби сите пациенти меѓу себе можат да го понудат својот рецепт, но тоа не значи дека „вкусот на колачот“ кај сите ќе биде сладок. За сите да направат „сладок колач“, односно да дојдат до излекување, треба да го модификуваат рецептот спрема сопствена мерка, но тоа никако не значи дека при тоа можат да излезат од курсот кој ги следи природните принципи на човечкиот метаболизам и енергетски баланс на сите функции во организмот. Затоа, ако некој наведе или напише дека успеал да ги смири симптомите со некој лек, чај, тревка, или било што, земете го тоа во предвид, но сепак, размислете и поинаку, дека вашиот лек можеби е многу поедноставен, можеби треба само да исфрлите некоја компонента од исхраната и готово…тоа ќе биде и повеќе од доволно.

Кога ќе се разбере сето ова, тогаш и „стресот“ добива поинаква димензија, па животот не изгледа толку многу комплициран. Се станува многу поедноставно и лесно, она што изгледало многу далечно сега е премногу тука, премногу блиску до вас, потребно е само да се погледне, но од вистинскиот агол.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *