КОГА СИ ВО КАЛТА НА СИСТЕМОТ…

Неодамна напишав еден текст на оваа тема, но од тогаш до сега како воопшто ништо да не е решено, дури напротив, работите се уште понеразбирливи.

Дали е во прашање игра на зборови, политика или недоразбирање…? Што значи плаќање по учинок, а што значи плаќање по успешност? За тоа постои недоразбирање меѓу докторите и владата…

Ако под учинок се подразбира она што докторите го сработиле во тек на месецот, тогаш и не е тоа толку лоша работа која би требало да се земе во предвид за да се награди трудот на докторот. Но која е суштината на таквиот учинок, е тоа е веќе поле за добра анализа. Некои колеги, доктори, велат дека треба да се плаќаат по успешност, а не по учинок, што пак исто така претставува поле за анализа, односно води до едно друго прашање, а тоа е:

Што се подразбира под успешност на докторите?

На пример, општо прифатен, народен став е дека еден доктор е успешен ако спасил повеќе животи, значи не дозволил пациентите да умрат…

Тоа е некако, како што кажав, народно сфаќање за поимот доктор. Но ако го прашате Фондот за здравство, успешен доктор е оној кој „ги штеди“ средствата на фондот. Но, ако пак ги прашате фармацевтските компании, успешен доктор е оној кој препишал повеќе лекови од нивната палета на производи. Е сега, сета оваа „успешност“ е всушност „учинок“… Сега докторите навистина не знаат која опција да ја одберат или како да направат добра шема за сите плаќачи да бидат задоволни и со тоа да се обезбеди добар прилив на пари од сите извори на плаќање, значи и од Фондот за здравство, и од пациентите директно, а и од фармацевтите.

Да ги појасниме работите подетално. За фармацевтите „успешност“ е „учинокот“ на лекарите да ги трошат што е можно повеќе нивните лекови, нивните протези, помагала и сл. „Успешност“ за Фондот за здравство е „учинокот“ на лекарите со кој тие ќе носат што е можно повеќе осигуреници, односно вложувачи во фондот а што е можно помалку корисници, односно потрошувачи на фондот. Значи овде „учинокот“ е што е можно повеќе луѓе да направиш пациенти, ама тие пациенти да не го трошат фондот, значи да не се „скапи“ пациенти…Ама сепак да се пациенти. Е сега што се однесува до законите кои ги носи државата а ги спроведува владата, останува целата ситуација да се врти околу играта на зборови, односно околу „учинокот и успешноста“… Но бидејќи владите се играчи и од кај Фондовите за здравство и од кај лековите и фармацевтите и од кај болниците и од кај пациентите и од кај лекарите, во ситуацијава мислам дека не се знае кој пие кој плаќа… Но едно сепак се знае, копјата се кршат околу несуштинско прашање, кое замислете гласи: Како да се плаќаат докторите???

Па докторите не можат да се платат по учинок, ниту по успешност, затоа што тоа не може да биде мерило на нивната ефикасност, од причина што овие два збора кога е во прашање лекарската дејност, може да имаат повеќе димензии и тоа димензии кои суштински се разликуваат. Во еден од моите предходни текстови на оваа тема напишав дека докторите треба да се плаќаат по број на спречени операции, по број на излечени луѓе без употреба на лекови, по број на превенирани болести, по број на ослабени луѓе и спречен дијабет, по број на успешно водени бремености и раѓања и сл. На тој мој текст многу реагираа со прашања, како би се евидентирала таквата дејност на докторите, затоа што многу полесно се води евиденција за извршени отколку за спречени операции. Исто така многу полесно се води евиденција за број на пациенти кои примаат лекови, на пример инсулин или било што друго, наспроти број на пациенти кои успеале да избегнат лекови… Па така некои мои читатели меѓу кои и мои колеги доктори коментираа дека тоа не е можно…

Е, тоа навистина не е можно кога проблемот се гледа одвнатре, односно од позиција на актери во играта штрајкувачи и владини претставници. Затоа што тие пред себе поставиле едно прашање и постојано се вртат околу тоа прашање, односно како да се платат докторите…

Еве сега јас овде ќе поставам друго прашање:

Која е поентата на постоење на докторите??? Дали докторите треба да постојат за да постојат пациенти или докторите треба да постојат за да нема пациенти? Многумина ќе кажат:

Докторите постојат заради пациентите.

Значи, за да постојат докторите мора да има пациенти. Од таа гледна точка причината за постоење на докторите е многу неетичка, што е во спротивност со лекарската хуманост. Значи, лекарската професија е нехумана. Епа така излегува кога сите се вртат по едно несуштинско прашање: Како да се платат докторите? И така тоа излегува кога докторите дозволиле да ги голтне системот и да се заплеткаат во неговиот проблем, како да ги плати докторите…?

Да, да, докторите дозволиле да ги голтне системот кој „дава пари“ по негов терк, и тие упорно ја играат играта во која никогаш нема да победат… А богами никогаш нема да победат кога се вртат околу прашањето за плаќање, зашто така тие се ставаат во функција да прават што е можно повеќе пациенти.

За промена, докторите би требало да почнат да прават што е можно помалку пациенти, а што е можно повеќе здрави луѓе. Што ќе постигнат со тоа? Со тоа од Фондот за здравство нема да се трошат многу пари, ама нема и да се влеваат многу пари под образложение „дека потребите за лекување на населението растат“. Значи Фондот неможе да биде постојано главниот парајлија кој заради порастот на болните ќе бара многу пари а за нивно лекување, постојано ќе крати. Фармацевтите кои произведуваат лекови, ќе немаат многу пазар, затоа што здравите луѓе не трошат лекови, па затоа и тие нема да бидат едни од главните играчи, односно плаќачи на докторите, кои за да земат нивни хонорар треба да продадат од нивните лекови десетина и стотина пати поголема вредност од хонорарот кој би го зеле.

На тој начин, докторот ја добива својата слобода, која по природата на неговата дејност, му следува. Имено, по природа докторот мора да биде слободна и креативна личност, која нема да ја жртвува својата лична и професионална хуманост само за да создаде повеќе пациенти. Докторот не смее да стане жртва на парајлиите, ниту на фармацевтите, ниту на фондовите, па богами ниту на пациентите кои приватно можат да платат многу пари за лекување.

Напротив, докторот ќе биде многу поисполнет како личност и како професионалец, кога ќе стане слободен и кога ќе создава многу повеќе здрави луѓе и кога од пациенти луѓето ќе почне да ги претвора во здрави личности. Само тогаш докторот може да се почувствува и да се доживее себеси, а не кога се бори и протестира за тоа како и колку да го плаќаат сите оние кои живеат од болестите на луѓето, било да се тоа фондовите за здравство или било кои други осигурителни здравствени компании, фармацевтската индустрија и сл.

Крајно време е докторите да започнат со вистински современа медицина. Да ги едуцираат луѓето како да не се разболат, да ги едуцираат што значи здраво да се хранат, што значи здраво да се однесуваат кон своето тело. Докторите треба да бидат постојано меѓу луѓето, а не само меѓу пациентите, постојано да едуцираат што значи здрав животен стил и колку силен фактор е тој за здравјето на современиот човек. Но секој доктор мора најпрво со личен пример да покаже дека здравото живеење е излез од несреќата која се нарекува современи хронични болести. Најпрво докторот е тој кој мора да покаже висока свест на однесување затоа што токму тоа е показател за здрав организам.

Во целата историја на човештвото, докторите биле водечки луѓе кои играле голема улога во подигање на свеста на луѓето. Тие секогаш биле авангарда која го водела човештвото на повисоки нивоа на развиток на свеста, како услов за негово ослободување, исцелување и освестување. Во историјата на човештвото докторите биле и филозофи, научници, уметници, духовни водачи, како Леонардо Да Винчи, Хипократ и многу други. Тие секогаш биле пред и над системот.

На докторите не им личи да се кашкаат во калта на системот и себеси да се нарекуваат жртви и обесправени. Тие никогаш не можат да бидат жртви. Докторот станува жртва единствено тогаш кога престанува да биде вистински професионалец. Вистинската медицина никогаш не може да го направи докторот жртва, туку таа и единствено само таа, може да го просветли и да го направи достоен за неговото постоење. Вистинската медицина е онаа која не прави пациенти, туку прави само здрави луѓе и не само телесно туку и духовно. Докторите треба да бидат вистински продуховени луѓе, и да не играат во системот, туку над системот. Ако системот му вели на докторот дека му требаат пациенти за да биде добро платен, докторот треба да покаже дека тој како професионалец не е повикан да прави пациенти, туку од пациенти да создава здрави луѓе и да не дозволува да расте бројот на пациентите. Така системот ќе мора да игра според правилата на докторот а не обратно. Докторите од пред повеќе векови па и милениуми, ја почувствуваа својата повиканост и ја остварија својата професионалност, достојно за периодот на кој му припаѓале.

Докторот на 21. век како и колку ќе ја исполни својата должност и повиканост, ќе судат идните генерации.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *