ИСХРАНАТА МОЖЕ ДА ГО КОНТРОЛИРА ШТЕТНОТО ДЕЈСТВО НА ХЕМИКАЛИИТЕ

Карцином промовирачките штетни хемиски материи постојано се наметнуваат како проблем кој се поврзува со секојдневното живеење, загаденоста на околината, земјоделството и слично. Акриламидот, синтетичките засладувачи, нитрозамините, нитритите, хетероцикличните амини, афлатоксинот и други, многу студиски истражувања ги поврзаа со појавата на карциномите.

Употребата на антибиотици, хормонски додатоци и слично во процесот на фабричкото одгледување на добитокот го прави месото опасно по здравјето на луѓето. Но тоа не треба да придонесе за лоша претпоставка дека без тие додатоци, месото е здраво за јадење. Вистинската опасност всушност многу повеќе доаѓа од прекумерната консумација на месо, која денес ја практикува современиот човек. Во минатото уште пред да се појави употребата на штетните хемикалии, луѓето кои практикуваа да јадат поголеми количини месо, се судруваа со здравствени проблеми од типот на дијабетес, карциноми и слично. Нутритивните дисбаланси кои се случуваат во организмот како резултат на консумирање на големи количини месо се главната причина за појава на болестите …

Исто така, на пример синтетичките засладувачи, се обвинуваат за значително оштетување на здравјето на луѓето и се поврзуваат со појава на автоимуни заболувања, карциноми и сл. Тоа е навистина така. Но притоа, кој е суштинскиот проблем? Проблемот е во причината заради која луѓето ги корситат овие вештачки засладувачи? Ги користат за да ја задоволат потребата од сладок вкус. Но ние не можеме да го лажеме организмот со синтетички засладувачи ако имаме потреба од слатко туку треба да се запрашаме, зошто имаме толку голема потреба од слатко? Прекумерната потреба од слатко се јавува како резултат од неадекватната исхрана во целост, односно заради прекумерно внесување на протеинска и мрсна храна наспроти храна богата со комплексни јагленихидрати. Значи, желбата да се јаде многу благо е последица од нездравиот начин на исхрана па затоа наместо да се бара „лажен лек“ за таа последица, подобро е да се елиминира причината за тоа. Значи со самата промена на навиките во исхраната, со ориентирање кон комплексните јагленихидрати кои ги има во растителната непроцесуирана храна, организмот ќе ги задоволи потребите од слатко и на тој начин нема да имате потреба да внесувате дополнителни синтетски засладувачи на храната.

Акриламидот е канцерогена хемикалија која се наоѓа во процесуираната храна како што се на пример пржените компири. Ова може да наведе на погрешно размислување дека ако се успее оваа штетна материја да се елиминира од пржените компири, тогаш тие ќе станат добра и безбедна храна. Тоа не е точно затоа што со или без акриламидот, пржените компири се сеуште нездрава храна која изобилува со масти и премногу сол. Затоа, ако сакаме да најдеме причина повеќе за да ја консумираме нездравата храна од која сме станале зависни, не мора да бараме  „жртвено јагне“, после кое би можеле да се однесуваме слободно. Затоа малку ми е смешно кога на ТВ ќе се појави некоја реклама која сака да промовира здрава храна, за која вели дека не била пржена туку печена. Таа храна сеуште е направена од бело брашно, многу сол и зејтин, па сега незнам каква разлика ќе направи тоа што не е пржена туку е печана…?

Сето ова значи дека навиката да се јаде ваква или онаква храна е пресудна за здравјето на човекот. Се разбира дека органската храна е многу подобар избор, но композицијата на храна која го сочинува нашиот стил на исхрана е многу поважен од се друго. Овој факт не смее да се потценува никогаш кога се сака да се промовира здрава храна, односно здрав начин на исхрана. Создавањето на нови трендови, нови начела во сфаќањето на луѓето во однос на здравата исхрана не смее да оди во прилог на создавање на конфузија и погрешен пристап во лекување и превенција на болестите.

Секоја информација за токсичното дејство на оваа или на онаа материја, за карценогеното делување на некоја хемикалија или пак за генетското потекло на некоја болест, не треба да не води во заблуда и во погрешна насока на движење, занамарувајќи ги нашите животни навики и нивната суштинска улога во нашата здравствена состојба. На целата работа треба да се гледа потрезвено и порелаксирано. Затоа, кога науката ќе излезе со некакво соопштение, тоа не треба да се потценува, но истовремено не значи дека тоа треба слепо да се толкува. Можеби на науката треба да и се постават некои други, посуштински прашања кога таа ќе излезе со некое такво соопштените. Таквото наше однесување може да ја направи и самата наука многу поинтелегентна и да ја насочи со поинакви прашања во правец на толкување на релацијата исхрана – човек. Тоа ќе придонесе кон пренасочување на нас самите и на целата наука кон многу поедноставни начини на заштита, кои не само што се побезбедни туку се и далеку поефикасни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *