ДИЈАБЕТЕСОТ, КАЛОРИИТЕ И МАНИФЕСТАЦИИТЕ

Најновата студија работена во САД за Преваленција на ризиците за кардиоваскуларни болести кај тинејџерите во Америка, чии резултати се објавени во списанието Pediatrics ( 2012; 129:1035 – 1041), покажа дека дијабетесот како ризик за појава на кардиоваскуларни компликации кај тинејџерите се јавува со процентуална застапеност од 23%. Дијабетот како ризик фактор за појава на кардиоваскуларни болести кај тинејџерите се јавувал со 8% во 1999 година, и за само една деценија, односно до 2008 година, пораснал за цели 15%.

Истражувачите од Центарот за Контрола и Превенција на Болестите при Националниот Институт за Нутриција и Здравје, го следеле порастот на заболени од дијабетес споредено со порастот на дебелина кај децата меѓу 12 и 19 годишна возраст…

 

Кај 34% од испитаниците кои биле со зголемена телесна тежина покажале поголем ризик од заболувања на кардиоваскуларниот систем, односно покачен крвен притисок, зголемено ниво на масти во крвта и дијабетес. Преваленцијата од најмалку еден ризик фактор за добивање на кардиоваскуларна болест бил 37, 49 и 61 процент почнувајќи од испитаниците со нормална тежина, па испитаници со зголемена тежина, па се до испитаници со прекумерна телесна тежина…

 

Дијабетесот како современа болест постојано се врти во круг од кој всушност, се чини дека не сака да излезе…? Ми се чини дека напорите кои се вложуваат за да се победи дијабетесот некако добро почнуваат а потоа „се превртуваат на глава“. Имено, сите знаат дека дијабетесот тип 2 е болест која е директно поврзана со начинот на исхрана на луѓето и стручњаците постојано напоменуваат дека луѓето мора да внимаваат на исхраната. Но сепак, кога се во прашање дијабетичните болни, приматот се става на нивна едукација за тоа како и колку треба да ги користат препаратите за регулирање на шеќерот во крвта (таблетите, инсулинот), а за исхраната, иако постојано се наведува нејзината важност, сепак советите се премногу „благо обрзложени“ и некако „подесени“ во математичка смисла на зборот… Сакам да кажам дека клиниките за дијабет кога им советуваат исхрана на болните од дијабет, толку многу ја комплицираат работата, што болниот меѓу понудата од исхрана и таблети или инсулин, за да го реши својот здравствен проблем го одбира полесното, а тоа е таблета или инсулин. Многу болни од дијабет се жалат дека многу е тешко да се следи програмата за исхрана предложена од клиниките затоа што таа е многу напорна, математичка, со броење калории и мерење на грамови.

Знаете ли зошто таа програма за исхрана е таква? Затоа што е неправилна. Во неа има храна која не е добра за болните од дијабет. Во таа храна има месо, риба… Е таквата исхрана морате да ја мерите и да ја броите па и покрај тоа повторно не дава добри резултати. Таканареченото посно месо, обезмастеното млеко, рибата не може да помогнат во борбата со дијабет. Оние луѓе кои ги елиминираат овие намирници од исхраната и се хранат со неограничени количини на житарка, мешунки, свеж зеленчук и овошје, ги елиминираат всушност вишокот масти во исхраната и сите животински протеини кои се причина за влошување на симптомите на дијабетот. Имено, растителната интегрална храна, односно зеленчукот, мешунките, овошјето, житарките се храна која не треба ниту да се мери ниту да се брои по калории, може да се јаде неограничено или колку е потребно да се задоволи гладот. Затоа веганската исхрана е многу подобра и полесна за спроведување од било која друга храна чии количини мора да бидат строго контролирани.

Многу истражувачки студии покажаа крајно позитивни резултати во борбата со дијабетот кога исхраната кај пациентите била веганска. Дали тоа не треба да биде правецот на делување во превенција и лекување на дијабетот? Можеби е точен фактот дека сите луѓе не можат да бидат вегани и да се хранат со исклучително растителна храна. Тоа сепак зависи од вкупните фамилијарни влијанија, личното убедување и степенот на личен развој на човекот. Но сепак мислам дека е многу поисплатливо да се вложува во едукацијата на младите за здравите навики во исхраната. Но сепак морам да потенцирам дека, кога зборувам за едукација мислам на онаа вистинската едукација а не на „спонзорско – едукативните бизнис манифестации“, мислам  на разни проекти кои се организираат за да се едуцираат децата дека треба да јадат овошје и зеленчук и изгледаат така што пред многуте ТВ камери, на децата од некое школо или градинка некоја позната личност ќе им раздели една до две корпи зеленчук и овошје, децата ќе испеат една до две песни за пиперката и бананата и тоа вечер ќе го гледаме на вестите. Но во меѓувреме, во мензата на школото или градинката на децата ќе им се сервира „здрав доручек“ со паштетка на бело лепче или некој презашеќерен мармалад (кој се чува во поголема пластична кофа), исто така на кришка бело лепче.

Работата со здравјето на луѓето е пресериозна работа и не заслужува несеризно однесување и манипулирање со „процесот на едукација“. Едукацијата не треба да биде манифестација, туку вистински процес кој е неопходен во услови на опасна закана по здравјето на современото население, а особено по здравјето на децата во развој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *