ГМО ЗАКАНА

Производството на генетски модифицираната храна во последниве години станува тема која испливува на површина во однос на контроверзните тврдења за нејзина неопходност или пак од друга страна за нејзината штетност за здравјето на луѓето. Како и колку ГМО храната може да го наруши здравјето на луѓето директно, преку директно влијание врз организмот, но и индиректно, преку нарушување на природниот синџир на создавање и умирање на живите организми, е поле за сеопфатно и широко размислување на науката во повеќе сфери од животот.

Според некои тврдења, ГМО храната ќе придонесе за подобра исхранетост на населението, па дури и за надминување на некои здравствени проблеми кај луѓето, но анализирана од друга страна, ГМО производството на храна ќе придонесе за добра и дебела заработка на пари, но и за нарушување на здравјето на луѓето …

 

Светската политика за производство на храна постојано инсистира дека со зголемување на бројот на светското население, количините на храна стануваат незадоволувачки и со тоа ги подржуваат причините за создавање на сорти кои ќе дадат поголеми приноси и кои ќе бидат отпорни на надворешни негативни влијанија. Така, модерната наука се впушти во анализи и постапки за остварување на целите на таквата политика, синтетизирајќи лабораториска храна која генетски се разликува од природната храна по составот на своите гени кои носат материјал од други растителни но и од некои животински видови. Ваквиот генетички инженеринг овозможува да се создаде нешто што природата не би создала.

ГМО политиката на создавање храна е политика која се одвива на светско а не на локално ниво. Ова предизвикува бројни протести во светот од страна на поборниците за здрава храна и поддржувачите на природниот еко систем на земјата. Активистите на анти ГМО организациите посочуваат на можноста од конспиративно делување на агробизнисот и владите на државите, па  во тој контекст најповикан е МОНСАНТО како најголем производител на ГМО семиња во светот.

Влијанието на ГМО храната врз здравјето на луѓето се базира врз објективни наоди и резултати од анализи и истражувања кај луѓето и другите организми кои се хранеле со ГМО храна. Овие истражувања најмногу се темелат на појавата на алергии, дебелина, како и дигестивни проблеми кај организмите кои се на ГМО храна. Сепак треба да се спомне дека овие проблеми кај луѓето се јавуваат уште многу порано пред да се појави ГМО производството на храна. Така дебелината кај луѓето се поврзува си консумирањето на премногу мрсна и рафинирана храна, а исто така и дијабетот тип 2 се јавува како резултат на истите причини. Но ова не значи дека ГМО храната треба веднаш да се елиминира како причина за појава на болестите и да се продолжи со политиката на поддршка на одгледувањето на ГМО храна. Всушност последиците од ГМО храната многу повеќе би се согледале после повеќегодишното консумирање на истата и тие најверојатно би биле катастрофални по здравјето на луѓето.

Организациите кои се борат за стоп на ГМО производството, предлагаат бројни постапки и носење на закони со кои би се оневозможил на пример увоз на ГМО храна, или би се навело на декларацијата на производот дека не содржи или не содржи ГМО состојки, па дури и на животинските производи би се декларирал фактот дека производот потекнува или не потекнува од животни кои се хранети со ГМО храна. Но дали сето тоа би ги заштитило луѓето од консумирање на ГМО производи…? Јас мислам дека во светот многу луѓе користат ГМО одгледана храна и без да знаат дека е ГМО. Во САД на пример, може да се сретне податок дека дури за 70% од храната која се купува по маркетите е храна која содржи ГМО состојки. Во некои европски земји означувањето на ГМО производите можеби е задолжително, но кај поголем број земји тоа не е задолжително. Како и да е, мислам дека и законот за декларирање на производите нема да биде од многу голема корист, со оглед на фактот што голем број луѓе денес се хранат надвор од своите домови, по јавните мензи и ресторани, каде намирниците кои се користат во подготовка на оброците не би можеле да бидат толку добро контролирани. Здружувањето на силите на сите оние кои се поборници за здрава храна во борбата против ГМО производството никако не смее да значи заборавање на една од најголемите повредувачи на човечкото здравје, а тоа е начинот на исхрана на современиот човек кој се базира на екстремно консумирање на животинска храна, со што се воспоставува директна врска на храната и современите болести кај луѓето како што се дебелина, дијабет, срцеви болести, карциноми, автоимуни болести, па и инфективни болести кои се последица на пренесување на инфекти директно од животните на луѓето. Во борбата против производството на ГМО храна може да помогне секој граѓанин со редуцирање на животинската храна во своите оброци. Всушност ГМО производството на храна се објаснува со потребата од производство на големи количини на сточна храна, како што е пченка, соја, разни житарки… Ако потребата од производство на животински производи кои се користат во исхраната на луѓето се намали, тогаш ќе се намали и потребата од големи количини сточна храна. 80% од пченката во САД се користи како сточна храна и 70 % од сојата. Ако житарката се користи многу повеќе како храна за луѓето, тогаш и потребата од големи ГМО приноси нема да биде оправдана. Би се поминало на обнова на земјиштето на кое се одгледувало сточна ГМО храна и истите би се намениле за одгледување на природна храна за човекот. Тие приноси би биле и логично помали но и потребите би се намалиле драстично.

Проблемите секогаш треба да се решаваат суштински, односно темелно. Со промена на начинот на исхрана на луѓето, односно со намалување на консумирањето на животинска храна, ќе се намали драстично појавата на многу современи хронични болести. Освен тоа што ќе се навлезе во суштинско лекување на болестите, ќе се придонесе и за суштинско превенирање на нови болести кои би се појавиле заради употреба на ГМО храна. Со тоа секој поединец би имал директно влијание на аграрната политика и тоа на светско ниво, а не само во својата земја. Тоа е многу важно,  затоа што ниту една земја во светот денес нема политика на користење исклучиво сопствена храна. Значи,  доколку  земјата би произведувала не ГМО храна, трговската циркулација на прехрамбени производи не би дозволила комплетна изолација на населението на таа земја и безбедност од ГМО производи.  Затоа, мислам дека некаков закон донесен од државата против производство и увоз на ГМО храна само донекаде може да го заштити населението, но не и целосно. Всушност направете паралела меѓу законот за кражба и законот против ГМО. Кражбата е забранета и се казнува со закон, но тоа не значи дека не постои кражба. И силувањето е забрането и се казнува со закон, но сепак и тоа многу често се случува и голем број луѓе се жртви на истото.

И на крајот, и покрај донесениот закон, производството на ГМО сорти, многумина би го прифатиле како можност за големи приноси и поголема заработка. Мислам дека многу мал број индивидуални производители би одбиле можност за добра заработка со продажба на големи количини земјоделски производи, и затоа би ги засеале своите ниви со ГМО семиња. Нивната свест е далеку од можноста за да согледаат дека со тоа ја осакатуваат својата сопствена земја и здравјето на други луѓе. Особено во сиромашните земји продорот на ГМО семиња за таа цел мислам дека би се одвивал многу лесно дури и вон законот, само за да би се дошло до поголема индивидуална заработка. Токму заради тоа многу сомнително ми изгледаат понудите од некои индивидуални земјоделци кои продаваат „огромни“ јагоди, пченки, чудни форми на грав, домати со големи димензии и одвратен вкус, а со гордост кажуваат дека тоа се нови семиња до кои тие успеале да дојдат преку „странски врски“.

Во услови на светска глобализација, будењето на индивидуата е од клучно значење. Можеби звучи парадоксално, но секоја индивидуа која свесно ја гледа состојбата  со својот сопствен живот и начин на однесување придонесува за заштита на себеси и на околината. Секоја индивидуа претставува огромна сила во борбата за спас на човештвото и искоренување на заблудата дека животот и здравјето на човекот се секогаш под контрола и закана на „помоќните“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *